ИЛОН МАСК ВЕЛИ ДЕКА „ТЕСЛА“ РАЗВИВА ХУМАНОИДЕН РОБОТ КОЈ ЌЕ ВРШИ ДОСАДНИ И ОПАСНИ ЗАДАЧИ

Сан Франциско, (Си-Ен-Ен)

Илон Маск објави дека неговата компанија „Тесла“ работи на нов проект, хуманоиден робот, чиј прототип треба да биде готов следната година.

„Тој ќе ги врши работите кои се досадни, опасни и повторувачки“, кажа Маск за роботот.

Тој не кажа дали роботот ќе се продава. Ќе биде висок 1,7 метри, ќе може да носи 20 килограми и да се движи со брзина од осум километри на час.

(Фото: Тесла)

„Роботот ќе има екран на местото на човечко лице и таму ќе се прикажуваат корисни информации. Тој ќе има длабоко влијание врз економијата“, рече Маск.

Според него, физичката работа ќе биде избор во иднина. Маск е меѓу иноваторите кои предупредуваат дека технологијата ќе го замени човекот на многу работни места.

Креирањето робот кој би извршувал човечки задачи досега се покажа неверојатно тешко, иако вештачката интелигенција забрзано напредува. Примената на роботите останува ограничена на основни задачи во едноставно окружување.