ЗАПАЛЕНА ДРВЕНАТА СТАТУА НА МЕЛАНИЈА ТРАМП ВО СЛОВЕНИЈА

Љубљана, (Би-Би-Си)

Необичната дрвена скулптура на Меланија Трамп во Словенија е отстранета откако била запалена изминатиот викенд, кога САД го одбележуваа Денот на независноста. Дело на американскиот уметник Бред Дауни, таа беше поставена пред точно една година во близина на нејзиниот роден град Севница.

Полицијата покренала истрага откако Дауни договорил изгорените остатоци од статуата да бидат отстранети.

(Фото: Гети)

„Сакам да знам кој го направил тоа“, изјави Дауни, кој ја изделкал статуата од едно големо парче дрво, прикажувајќи ја Меланија во позата од инаугурацијата на нејзиниот сопруг Доналд Трамп.

Меланија Трамп порасна во Словенија, пред да се пресели во САД во 1990-ите.

Во јануари беше запалена и пародичната дрвена скулптура на Доналд Трамп во Севница.