ДОСЕГА НЕПОЗНАТИ ФОТОГРАФИИ ГО ФАЌААТ БАНКСИ НА ДЕЛО, НО НЕ МУ ГО ПОКАЖУВААТ ЛИЦЕТО

Лондон, (Би-Би-Си)

Фотографии кои наводно го покажуваат мистериозниот уличен уметник Банкси се објавени од неговиот пријател и поранешен менаџер Стив Лазаридес. На нив, Банкси е прикажан како прави некои од своите дела, но притоа не му се гледа лицето.

Лазаридес повеќе од една деценија бил прв соработник на Банкси, чиј идентитет и по толку многу време останува неоткриен, иако имаше шпекулации за тоа.

Тој вели дека уживал да работи со Банкси, но сега му е мило што излегол од тој уметнички свет.

„Работев со Банкси фантастични 11 години, за време на кои ги прекршивме сите можни правила и по некој закон. Го мразам уметничкиот свет. Станав дел од него само затоа што Банкси го исфрли движењето во стратосферата. Сега ми е мило што сум излегол од тоа“, вели Лазаридес.

Тие се запознале во 1997 година во Бристол, по што Лазаридес работел како менаџер, фотограф, возач и галерист на Банкси. Фотографиите се дел од новата книга на Лазаридес, „Banksy Captured“.