„ФИАТ КРАЈСЛЕР“ СЕ СПОЈУВА СО СОПСТВЕНИКОТ НА „ПЕЖО“, „СИТРОЕН“ И „ОПЕЛ“

Париз, (Би-Би-Си)

Француската групација ПСА, која е сопственик на „Пежо“ и „Ситроен“, планира да се спои со својот американско-италијански ривал „Фиат Крајслер“, со што би се добила четврта најголема автомобилска компанија на светот, зад „Тојота“, „Фолксваген“ и „Рено-Нисан“. Со овој договор ќе се создаде бизнис со вкупна пазарна вредност од 50 милијарди долари, со годишна продажба од 8,7 милиони автомобили.

Ова е втор обид на „Фиат Крајслер“ за спојување оваа година, откако во јуни се повлече од најавената зделка со „Рено“. „Фиат Крајслер“ ги поседува и брендовите „Џип“, „Алфа ромео“ и „Масерати“, а дел од новата група би станале и „Опел“ и „Воксхол“.

Ако биде постигнат договор, на чело на новата компанија ќе биде сегашниот извршен шеф на ПСА, Карлос Таварес.

Деталите од договорот допрва треба да бидат финализирани, но спојувањето во кое што двете компании би имале по 50% акции би им донесло значително намалување на трошоци.