Актерката Софи Тарнер се омажи со Џо Џонас на церемонија во капела во Лас Вегас. Популарната Санса Старк од „Игра на тронови“ и еден од членовите на поп групата „Џонас брадрс“ се свршија во 2017 по едногодишна врска. Тарнер уште тогаш најави дека венчавка ќе прават откако ќе заврши со снимањето на „Игра на тронови“.
Тие присуствуваа на доделувањето на музичките награди Билборд и по неколку часа, на Инстаграм се појавија фотографии од нив двајца како разменуваат завети пред матичар со имиџ на Елвис Присли. На едно видео се гледа како 23-годишната Тарнер оди кон олтарот во венчаница, кадешто ја чека Џонас (29) со неговите браќа.
Малата свеченост се одржала во истата капела кадешто се венчаа и Бритни Спирс, Ева Лонгорија, Мајкл Џордан, како и Брус Вилис со Деми Мур.
Софи и Џо претходно изјавија дека планираат да се венчаат летово во Франција. Таа тогаш најави дека колешката од серијата Мејзи Вилијамс ќе ѝ биде деверица.