Низ 11 години, три фази и 22 филмови, фановите ги следеа авантурите на Тони Старк и неговата дружина суперхерои во сагата на „Филмскиот универзум на Марвел“ (МЦУ) позната под името „Бесконечност“.

Иако „Спајдермен: далеку од дома“ технички се смета за последен филм од третата фаза, „Одмаздници: завршница“ означи дефинитивен крај за неколку клучни ликови. Како што кажа шефот на студиото „Марвел“, Кевин Фиџ, тоа буквално беше финале, епски заклучок.

Отсега почнува четврта фаза на „Марвел“ и неколку проекти се веќе во подготовка.

  • „Спајдермен: далеку од дома“ ќе биде продолжение на „Враќање дома“ и неговата премиера е закажана за 2 јули 2019. Овој филм ќе се случува „неколку минути“ по дејството во „Одмаздници: завршница“ и во него, Питер Паркер ќе се соочи со својот долгогодишен непријател Мистерио (Џејк Џиленхал), што е негово прво појавување во МЦУ.
  • „Блек Видоу“ треба да излезе во мај 2020. Скарлет Јохансон првпат се појави во оваа улога во „Ајрон Мен 2“ во 2010 година и сега конечно ќе добие свој сопствен филм. Во „Блек Видоу“ ќе глумат и Дејвид Харбор и Рејчел Вајс, а за дејството засега нема информации.
  • Проектот „Вечните“ првпат беше навестен пред една година и тој ќе истражи цела една нова група на суперхерои, од кои еден ќе биде геј (Херкул). Се шпекулира дека една од ѕвездите на филмот ќе биде Анџелина Џоли.
  • „Блек Пантер 2“ доаѓа во кината во почетокот на 2021. Режисер и сценарист повторно ќе биде Рајан Куглер.
  • „Доктор Стрејнџ 2“ исто така е најавен за 2021, а како режисер ќе се врати Скот Дериксон.
  • „Чувари на галаксијата 3“ и „Шанг-Чи“, првиот филм на „Марвел“ со азиски суперхерој, се очекуваат во 2021.