„ФЕРАРИ“ ОД 1962 ПРОДАДЕНО ЗА РЕКОРДНИ 48,4 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ПО 10-МИНУТНО НАДДАВАЊЕ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Светски рекорд беше поставен на јавната аукција што викендов се одржа во Калифорнија, откако 66 години старо „ферари“ беше продадено за неверојатни 48,4 милиони долари.

Тројца упорни колекционери учествувале во речиси десетминутното наддавање организирано од „Сотбис“, постојано зголемувајќи ја понудата за милион долари, сè додека „ферари 250 ГТО“ од 1962 година не бил продаден за 48,4 милиони. Тој стана најскапиот автомобил продаден на јавна аукција, додека рекордот на приватна аукција го држи уште еден ваков модел, кој пред неколку месеци бил купен за околу 70 милиони долари.

Тој бил продаден со оригиналните мотор, менувачка кутија и шасија, откако во последните две децении бил во сопственост на Грегори Витен. Откако бил произведен, бил тестиран од поранешниот светски првак во Формула 1 Фил Хил и потоа го освоил националното првенство на Италија.

„Ова е прекрасен автомобил, што вистински се доживува на трките. Јас затоа и го купив. Моето патување со 250 ГТО заврши, но возбуден сум што и неговиот нов сопственик ќе ужива во овој фантастичен автомобил“, изјави Витен, кој поседува уште десетина стари „ферарија“.

Оваа година, на аукции биле продадени модели на „Ферари“ во вкупна предност од 368 милиони долари.