Ова лето ќе ви треба маска за да ја видите Мона Лиза, ќе ви се мери температура на влезот во римски Колосеум, а за да уживате во погледот на Париз од Ајфелова кула, можеби, ќе мора да одите по скали.

По неколку месеци карантин, најпознатите европски музеи и знаменитости се подготвуваат повторно да ги отворат своите врати за посетители.

„Како ретко кога, Французите ќе имаат потреба одново да ги откријат уметноста и наследството на нашата земја“, вели францускиот министер за култура Франк Ристер.

Според временската рамка што ја објави министерството, палатата Версај се отвора на 6 јуни, Ајфелова кула најрано во втората половина на јуни, а селфијата со Мона Лоза во Лувр ќе бидат можни од 6 јули.

Лувр нема да се отвори во целост (Фото: АП)

„Лифтовите кои ги носат посетителите на трите различни нивоа на Ајфелова кула веројатно ќе бидат вон функција во прв период“, велат од оваа париска знаменитост.

Носење маска ќе биде задолжително за сите во Лувр, кој нема да се отвори во целост, но Мона Лиза ќе може да се види.

Римски Колосеум повторно се отвора на 1 јуни, а посетителите ќе мора да носат маска и ќе им се мери температура. Од следната недела повторно ќе можат да се истражуваат и уметничките и историски богатства на Ватиканските музеи, Систинска капела и на галериите Уфици во Фиренца.

Меморијалниот музеј за Берлинскиот ѕид во Берлин исто така се отвора следната недела. Во Мадрид, музеите Прадо, Реина Софија и Тисен, таканаречениот триаголник на уметноста, продолжуваат со работа на 6 јуни.