ФУСТАНОТ НА ДИЈАНА ОД СЛАВНИОТ ТАНЦ СО ТРАВОЛТА СЕ ПРОДАВА ЗА 400.000 ДОЛАРИ

Лондон, (АФП)

Свечениот кадифен фустан што принцезата Дијана го носеше додека танцуваше со Џон Траволта во Белата куќа во 1985 ќе се продава на аукција, соопшти аукциската куќа „Кери Тејлор“.

Принцезата ја носеше креацијата на Виктор Еделстин на свечената вечера што за неа и за принцот Чарлс ја приреди тогашниот американски претседател Роналд Реган. Фотографијата на која што Дијана танцува со Траволта на песна од неговиот филм „Треска во сабота навечер“ потоа стана легендарна.

Тој е проценет на 324.000-454.000 долари. Фустанот на Еделстин беше дел од колекцијата која Дијана лично ја продаде на хуманитарна акција во јуни 1997, само неколку недели пред да загине во сообраќајната несреќа во Париз.