СТО БЕБИЊА НА ЕДЕН ОД НАЈЗАГРОЗЕНИТЕ РЕПТИЛИ НА СВЕТОТ ПРОНАЈДЕНИ ВО НЕПАЛ

Лондон, (Би-Би-Си)

Бебиња крокодили пронајдени во далечен регион во Непал даваат надеж за спас на еден од најретките и најнеобични рептили на светот.

Со својата изразено долга и тенка муцка, гавијалот е уникатен, но и критично загрозен вид крокодил, со помалку од илјада возрасни единки во дивина. Затоа откритието на 100 бебиња значи поттик за потенцијално заздравување на видот, велат научници.

Гавијалот најчесто се среќава во Индија, Бангладеш и Непал, каде што се бори за опстанок.

„Имајќи предвид колку е редок, ова е големо позитивно откритие и клучен чекор во долгорочната обнова на видот во Непал. Откако со часови одевме низ џунглата, беше неверојатно да се видат овие бебиња како се играат во песокот. Со големина од околу 30 сантиметри, тие точно изгледаат како минијатурни верзии на возрасни гавијали, преслатки се“, изјави истражувачот Рики Гамбс од Зоолошкото друштво на Лондон.

Стоте бебиња се пронајдени заедно со три женки и со еден возрасен машки примерок. Гавијалот претходно не бил виден во оваа област 30 години.

Овие крокодили, кои можат да тежат и до 250 килограми, не се сметаат за опасни по човекот и нивниот лов денес е забранет.