Ѕвездите на „Брилијантин“ Џон Траволта и Оливија Њутн-Џон заедно ја одбележаа 40-годишнината од легендарниот филм, на свеченост во Академијата за филмска наука и уметност во Лос Анџелес.

Од разговорот со публиката по специјалната проекција

На специјалната проекција на хитот од 1978 година, по што следеше разговор со публиката, покрај двајцата актери, кои ја играа двојката Сенди и Дени, беа и колегите Диди Кон, Бери Прл и режисерот Рендал Клисер.

Траволта рече дека најдоброто нешто што му се случило за време на снимањето било дружењето и работата со Оливија.

„Вие кои се сеќавате како беше да си младо момче во 70-ите години, ја паметите и Оливија од омотот на нејзиниот албум, со сината блуза и со тие крупни сини очи. Тогаш сонот на секое момче, на секој маж, беше Оливија да му биде девојка. Кога ја добив шансата да играм во филмот, ги убедив продуцентите дека нема ниту една друга личност на светот која треба да ја игра Сенди освен Оливија“, рече 64-годишниот Траволта.

Англиската пејачка и актерка, која живее во Австралија, кажа дека многу се двоумела дали да ја прифати улогата.

„Само што завршив со мјузикл во Англија, кој не беше успешен, бев преплашена од идејата да снимам филм. Го испратија Џон да ме убедува и кога дојде овој прекрасен човек со тие светлосини очи, беше толку љубезен, што се стопив. Кој би можел да го одбие, нели? Му реков како ќе глумам 18-годишна девојка, кога имам 29. Сега кога ќе се навратам, не ми се верува дека сум го кажала тоа. Сѐ е релативно. Тој ме убедуваше и ми рече: ‘Не грижи се, никој од нас нема да има 18 години‘“, кажа 69-годишната Њутн-Џон на разговорот со публиката.

По „Брилијантин“, Траволта и Њутн-Џон снимија уште еден филм и песна, а се појавија и во спот на Мајкл Џексон.