Во најголемиот дел од северната полутопка, бербата на грозјето заврши пред неколку месеци. Но, во мало лозје близу Стокхолм, на температури од -8 Целзиусови степени и 15 сантиметри снег, таа само што почна.
Кога Јеран Амнегорд почнал да сади лозје пред 22 години, тоа беше една од првите комерцијални винарии во Шведска. Сега е една од многуте во земјата која е на пат да стане нова винска дестинација.
Белото грозје на Амнегорд добива 23 часа дневна светлина на врвот на летото, пред да се претвори во наградувано ледено вино, што го продава во престижни ресторани.
„Ја имаме една од најуникатните почви на светот“, вели Амнегорд.
Иако сè уште релативно мали, шведските површини со лозје се проширија за 50% во последните две години и се очекува во следните пет да станат двојно поголеми. Долгорочно, шведските винарии би можеле да станат нова индустрија од милијарда евра.
Експертите велат дека глобалното затоплување и новите сорти грозје се меѓу факторите кои го придвижуваат производството на вино во Шведска. Доминираат бели и пенливи вина, како и розе, но има потенцијал и за правење на портокалови вина.
„Шведските вина се многу добро прифатени, но ова е само почеток. Имаме потенцијал за 10.000 хектари лозје, што е 4.000 помалку од Швајцарија. Винскиот туризам би можел да биде нова шведска индустрија од милијарда евра“, вели Феликс Орберг, секретарот на Шведското здружение на енолози.