ЃОРЃЕ ЈОВАНОВИЌ ПОСТАВИ ИНСТАЛАЦИЈА СО „СООБРАЌАЈНИ ЗНАЦИ“ ВО СОЛУН

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Уметникот Ѓорѓе Јовановиќ, со инсталацијата насловена „Зад аголот“, учествува на фестивалот „СКГ Бриџес“ во Солун (9-13 мај).

Се работи за интервенции со „сообраќајни знаци“, што претставува продолжување на уметничката пракса во јавен простор што Јовановиќ ја развива во изминатите години.

Инсталацијата е поставена пред Центарот за современа уметност, во комплексот музеи на солунското пристаниште.

„Јовановиќ со ова дело прави обид да даде едно толкување и го истражува значењето на перцепирањето на уличните знаци, за да ги рефлектира и коментира горливите теми и проблеми на современиот, турбулентен и фрагментиран свет, како што се влијанието на лажните вести, социјалните неправди, нееднаквоста и финансиската криза. Овие знаци можеме да ги гледаме и како предупредување за опасностите и предизвиците на нашето време и како одраз на нашиот заеднички, визуелен, социјален и урбан простор“, велат од Музејот на современа уметност, кој од неодамна соработува со Музејот на современа уметност во Солун.

Целта на фестивалот „СКГ Бриџес“ е да воспостави соработка и размена помеѓу културни институции, креативни групи и иницијативи од градот со уметници од јужна Европа.