ХАРИ И МЕГАН КАКО ХОЛИВУДСКА ДВОЈКА ДОЈДОА ВО ЛОНДОН ЗА КРАЈ НА КРАЛСКИТЕ ДОЛЖНОСТИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Војводата и војвотката од Сасекс пристигнаа во Лондон за да ги извршат последните кралски должности, пред официјалното повлекување од британското кралско семејство, што ќе стапи на сила на 31 март.

Ова беше нивно прво заедничко официјално појавување откако во јануари го најавија повлекувањето и се преселија во Канада. Меган Маркл носеше син фустан, креација на Викторија Бекам и медиумите пренесуваат дека таа и Хари наликувале на холивудска двојка, додека вљубени, под чадор и опкружени со папараци, влегуваа во палата во централен Лондон на доделување на воени награди.

Меган носеше син фустан, креација на Викторија Бекам (Фото: Гети)

Хари, кој има десетгодишна воена кариера, ќе ги задржи чиновите на мајор и поручник командир, но неговите почесни воени позиции ќе бидат суспендирани.

Хари кажа дека е горд што им служел на кралицата и земјата.

„Тоа е нешто на што сите многу се гордееме и тоа не нѐ напушта. Еднаш ако служиш, засекогаш ќе служиш“, рече тој и додаде дека голем број припадници на армијата, и мажи и жени, му кажале дека „му го чуваат грбот“.