ХЕЛЕН МИРЕН И КАЈЛИ МИНОГ ДОБИЈА СВОИ БАРБИ КУКЛИ

Лондон, (Скај)

Актерката Хелен Мирен и пејачката Кајли Миног се меѓу осумте жени кои добија Барби кукла со нивниот изглед во пресрет на Меѓународниот ден на жената. Мирен (78), која е нараторка во филмот „Барби“, беше избрана за британски модел на Барби од производителот „Мател“.

„Тоа е многу посебна работа и нешто што можам да го додадам на мојата листа на мои омилени достигнувања: станав Дама на Британската Империја, добив Оскар, имам ѕвезда на Булеварот на славните во Холивуд и еве сега имам и своја Барби, и тоа во мојот омилен стајлинг од ланскиот Кански фестивал“, изјави Мирен.

Своја Барби кукла добија и канадската пејачка Шанаја Твејн, американската актерка Вајола Дејвис, германската комичарка и активистка Ениса Амани, мексиканската режисерка и продуцентка Лила Авулес, јапонската манекенка Никол Фуџита и креаторката Маира Гомес.