Хоакин Феникс само што почна да собира награди за насловната улога во „Џокер“ и притоа нема намера да се пресоблекува.
Тој беше прогласен за најдобар актер на Златните глобуси и на церемонијата во Беверли Хилс носеше одело на Стела Макартни. Британската дизајнерка објави дека Феникс планира да го носи истото одело во текот на целата сезона на доделување филмски награди, што ќе кулминира со Оскарите.
„Овој човек е победник, затоа што се грижи за иднината на нашата планета и сите нејзини живи суштества. Тој исто така избра да носи едно исто одело во текот на целата сезона на доделување награди за да го намали отпадот. Горда сум и почестена што ги здружив силите со Хоакин“, напиша Макартни на Инстаграм.
Многумина очекуваат Феникс да ги собере сите можни награди оваа зима, при што секој пат ќе изгледа исто.
Тој не ја пропушти шансата да ги спомене климатските промени во својот говор на Златните глобуси, повикувајќи го Холивуд да се труди повеќе.