Озлогласената инсталација на италијанскиот уметник Маурицио Кателан која се состои само од банана и леплива лента ќе се продава на аукција во Њујорк и се очекува да достигне цена меѓу еден милион и 1,5 милиони долари. Најуспешниот наддавач ќе добие банана, ролна леплива лента, потврда за автентичност и инструкции како да го постави делото.
Делото на Кателан, насловено „Комичар“, имаше премиера на Уметничкиот саем во Мајами во 2019 и таму се продаваше за 120.000 долари, што покрена голема дебата за природата и вредноста на уметноста. Кателан тогаш кажа дека ја купил бананата од локална продавница за 30 центи.
Целата драма се прошири на интернет откако уметникот Дејвид Датуна ја тргна бананата од ѕидот и ја изеде, по што беше заменета со друга. Јужнокорејски студент по уметност го повтори потегот на Датуна кога делото беше изложено во Сеул минатата година.
Најавувајќи ја аукцијата, аукциската куќа „Сотбис“ кажа дека „‘Комичар‘ е ремек-дело кое го поттикна светот да преиспита како ги дефинираме уметноста и вредноста што ја бараме во неа“.
(Фото: Шатерсток)