„Соби за бес“ каде посетителите кршат електронски апарати, стакло и мебел се нов тренд низ САД. Концептот на овие соби е ослободување од бесот, како и безбедно уништување на непотребни уреди. Засега има 60 вакви простории низ целата земја.
Лас Вегас има три вакви локации, каде граѓаните и туристите можат да се ослободат од агресијата.
„Ова е одлична форма на антистрес терапија. Луѓето доаѓаат овде загрижени, а си заминуваат слободни и безгрижни“, вели Ана Гуиао, сопственичка на „Син сити смеш“.

Сопствениците на овие локали велат дека филозофијата на ова искуство има корени во терапијата за деструкција, техника за менаџирање со стрес која се појави во Шпанија во рани 2000-ти години. Тие велат дека вака им помагаат на гостите да се ослободат од гневот на позитивни начини.

Повеќето од нив примаат донации во вид на предмети за кршење, други, пак, набавуваат материјали од локалните центри за рециклирање, а некои дозволуваат гостите сами да си донесат предмети. Посетителите можат да си резервираат термини од 5 до 30 минути во собата. Кога ќе пристигнат, сами го одбираат предметот со кој ќе кршат, како чекан и палка за голф и бејзбол. Потоа вработен ги носи до просторијата, каде облекуваат заштитно одело, ракавици, шлем и штитници за уши и лице. Гостинот може да одбере и музика, дали хеви метал, рап, класика или популарна музика.

Кршењето знае да биде и исцрпувачко, па некои од гостите си одат облеани со пот.
„Дури и некои шишиња понекогаш се кршат потешко од други предмети“, вели еден од сопствениците.