ЛОНДОН ЌЕ ГО ДОБИЕ ПРВИОТ РЕСТОРАН ВО ХЕЛИКОПТЕР НА СВЕТОТ

Лондон, (Индипендент)

Во Лондон овој месец ќе се отвори првиот ресторан во хеликоптер на светот, кој ќе овозможи уникатен поглед додека се јаде на височина од 300 метри.

Наречен „Roocopter One“, ресторанот е идеја на компанијата за достава на храна „Деливеру“ и доколку проектот се покаже успешен, тој потоа ќе се прошири и во Сиднеј, Хонг Конг и Единбург. Од 9 август, Британците ќе имаат можност да појадуваат, ручаат, вечераат или само да се напијат чај додека летаат над Лондон. На еден лет ќе има место за најмногу пет гости.

Ресторанот ќе полетува од хелиодромот во Батерси во јужен Лондон, каде што гостите ќе го нарачаат својот оброк и ќе ги добијат безбедносните упатства. Летот ќе трае 20 минути и ќе поминува покрај и над некои од најпрепознатливите обележја на Лондон, пред да се врати во Батерси.

Целото искуство ќе чини 200 долари, што и не е така скапо, имајќи предвид дека слични тури со хеликоптер, но без вклучена храна, чинат околу 180 долари.