ЛОНДОНСКИ „МАДАМ ТИСО“ ГО ПРЕОБЛЕЧЕ ТРАМП ВО ГОЛФЕР

Лондон, (ДПА)

Лондонскиот музеј на восочни фигури „Мадам Тисо“ ја преоблече скулптурата на Доналд Трамп во голфер, откако тој изгуби на неодамнешните претседателски избори во САД од Џо Бајден.

Наместо во костум со вратоврска, актуелниот претседател сега е облечен во неговиот препознатлив комплет за играње голф: блуза со боја на лаванда, шарени панталони и црвено спортско капче. За да биде поавтентично, до него е поставена голема торба со палки за голф. Откако во саботата стана јасно дека нема да освои уште еден мандат, Трамп главно игра голф во својот клуб во Вирџинија.

Музејот е познат по тоа што брзо реагира на актуелни случувања. На почетокот на 2020 веднаш ги одвои принцот Хари и Меган од останатите членови на британското кралско семекство, откако тие најавија дека се повлекуваат од кралските должности.