Мајкл Клос, канадски уметник чија сопруга Менка Змејкоски е охриѓанка, со своја самостојна изложба се претстави пред охридската јавност.
Мајкл е роден во Торонто. Мајка му Стоја Милошеска го напуштила местото Трсија во Егејска Македонија по граѓанската војна, а слична судбина имал и неговиот татко.
„Многу ја сакам Македонија, исто колку и мојата муза и менаџер Менка”, вели Клос.
Тој е особено горд што организирал изложба посветена на Мајка Тереза, но и на онаа во Стразбур, што му ја посветил на првиот македонски претседател Киро Глигоров во 1996 година.
„Колку што можам почество настојувам да бидам во Македонија. Во октомври, патот ќе ме води во Казахстан, во познатата галерија ‘Кадсев’. Претходно бев во Кина, кадешто можев да посведочам дека таа огромна земја, со невиден светски потенцијал на сите полиња, е голем пријател на Македонија и Македонците и дека земјите и нациите не ги рангира според големината и моќноста“, кажува Клос.
Општина Охрид и Клос покренаа проект за формирање на фондација „Менка и Мајкл Клос“, ликовна заоставнина во сопственост на градот, со намера неговото творештво или најголем дел од Торонто да се префрли во Охрид. Планот е со средствата собрани од продажбата на слики на Клос да се доделува една стипендија за талентирани млади луѓе.
Д. ЧУБРИЌ