МЕМОАРИТЕ НА МИШЕЛ ОБАМА ОБЈАВЕНИ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ОД „АРС ЛИБРИС“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Автобиографијата на поранешната прва дама на САД, Мишел Обама, е објавена на македонски јазик, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина-публикации“. „Мојата приказна“ (Becoming) е достапна во нивните книжарници во Скопје и Битола, а може да се нарача и онлајн.

„Мојата приказна“ досега се продаде во над 10 милиони примероци. Веќе 18 недели е број еден на листата на бестселери на „Њујорк тајмс“ и веќе е меѓу најпродаваните мемоари на сите времиња.

Книгата на Мишел Обама беше промовирана на 13 ноември и за кратко време стана бестселер. На првиот ден од издавањето беа продадени повеќе од 725.000 примероци во САД и Канада, а за 15 дена стана најпродавана книга во САД за 2018 година. Книгата е преведена на 30 јазици, меѓу кои и на македонски.

Издавачот вели дека мемоарите на Обама се поделени во три дела, „Како настанав јас“, „Како настанавме ние“ и „Како настанавме уште повеќе“ и во нив пишува за своето детство, студентските денови, расизмот, бракот со поранешниот претседател на САД, Барак Обама, за нивните ќерки и за искуството во политиката. Ова е нејзина втора книга, по онаа за градинарство од 2012.