200 ПРИЈАВЕНИ КАНДИДАТКИ ЗА ИЗБОРОТ НА МИС НА МАКЕДОНИЈА ЗА МИС УНИВЕРЗУМ КОЈ ЌЕ СЕ ОДРЖИ НА 8 ОКТОМВРИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 8 октомври во Националната опера и балет ќе се одржи изборот на Мис на Македонија за Мис Универзум.

Досега за учество се имаат пријавено околу 200 девојки, а пријавувањето за сите кандидатки кои наполниле 18 години до 1 јануари оваа година уште трае на страницата missnorthmacedonia.com.

Победничката ќе ја претставува Македонија на светскиот избор на Мис Универзум во Мексико на 16 ноември.

„Лиценцата за организација на овој избор кај нас ја купи Шакир Села, сопственик на модната агенција ‘Даман’ од Истанбул. Драго ми е што интересот за учество е голем, а во потесниот избор ќе влезат 20 кандидатки, кои ќе ги обучува турски кореограф. Ќе се потрудиме да организираме убав настан“, ни рече новинарот Зоран Василевски, кој е национален директор на изборот.

Василевски додава дека одамна се познава со Села и оти му е чест што му понудил да биде директор на македонскиот избор и дел од организацијата.

Македонски и турски пејачи се планирани како дел од програмата на 8 октомври, кажа Василевски, чии имиња ќе се објават откако ќе завршат финалните преговори.

Ланската победничка за Мис Универзум беше Шејнин Паласиос од Никарагва (фото).

М. ЏАРОВСКА

Фото: АП