ЏЕНИФЕР ЛОПЕЗ ПОВТОРНО ВО ФУСТАНОТ КОЈ ДОВЕЛ ДО КРЕИРАЊЕТО НА ГУГЛ ИМИЏИС

Милано, (Би-Би-Си)

Малку познат факт е дека Џенифер Лопез го инспирирала креирањето на алатката Гугл имиџис (Google Images).

Поточно, тоа се должи на фустанот што таа го носеше на доделувањето на Греми наградите во февруари 2000 година и „Версаче“ му оддаде почит на тој момент на својата ревија за време на Модната недела во Милано. Педесетгодишната американска пејачка и актерка се прошета на пистата во модерната верзија на легендарниот зелен фустан и оваа снимка беше видена повеќе од два милиона пати на социјалните мрежи.

Лопез на Греми наградите во 2000 година (Фото: Гети)

Поранешниот извршен директор на „Гугл“ Ерик Шмит своевремено откри дека многуте пребарувања на зелениот фустан на Лопез по нејзиното појавување на Греми наградите довеле до креирањето на Гугл имиџис, денес најпопуларната и најбогата галерија фотографии на интернет. „Гугл“ е основан во 1998 година, но Гугл имиџис беше лансиран во јули 2001.

Кога се појави ‘Гугл‘, луѓето беа вчудовидени колку лесно можеа да најдат нешто на интернет само со впишување на неколку зборови. Со тек на време сфативме дека тие сакаат повеќе од обичен текст и тоа стана особено јасно по Греми наградите во 2000 година кога Џенифер Лопез го носеше тој зелен фустан и го привлече вниманието на целиот свет. Така е роден Гугл имиџис“, изјави Шмит.