Од фустанот на принцезата Маргарет за нејзиниот 21. роденден сѐ до оскаровскиот фустан на Џенифер Лоренс, креациите на „Кристијан Диор“ што се нашле на насловни страници се изложени во музејот „Викторија и Алберт“ во Лондон.
„Кристијан Диор: Дизајнер на соништа“ е насловот на изложбата, која вклучува 500 креации, модни додатоци, скици и шишиња од парфеми. Поставката фрла поглед на историјата на луксузниот бренд основан во 1946, кој сѐ уште важи за олицетворение на високата мода. Креациите се од Диор, кој почина во 1957, како и од шестемина дизајнери кои го наследија.
„Диор не е само револуционер во модниот дизајн, туку е важен и поради начинот на кој го водел бизнисот. Неговиот модел на бизнис е многу сличен на она што го работиме денес. Тој сакал да изгледа светски на различни пазари. За него, Лондон бил исклучително важен пазар. Тој бил самопрогласен англофил“, вели Ориол Кулен, куратор за мода во музејот.