Донатела Версаче му ја посвети својата машка колекција за пролет/лето 2020 на покојниот фронтмен на „Продиџи“, Кит Флинт, чиј препознатлив имиџ беше сеприсутен на пистата за време на нејзината ревија во Милано.
Дизајнерката го опиша Флинт, кој се обеси во март годинава, како „мој пријател и човек кој му се спротивставуваше на светот“.
Од силно шарена облека, преку дречливи фризури до очила за сонце во разни бои, моделите шетаа по пистата во придружба на еден од најголемиот хитови на „Продиџи“, „Firestarter“.
„За оваа колекција сакав да ги истражам елементите кои му даваат моќ на еден маж. Тоа дефинитивно се самодовербата, слободата и желбата да се изрази себеси без двоумење. Флинт беше симбол на бунтовништво и на чиста стереотипна мажественост и тоа е токму она што сакав да го внесам во мојата колекција“, изјави Версаче.