Меѓу импресивните сценски настапи на годинашната Евровизија во Лисабон особено се издвои оној на претставничката на Естонија, Елина Нечајева, чиј фустан емитуваше светлина.

Според естонските медиуми, фустанот од 52 квадратни метри чинел 65.000 евра, што нејзиниот настап го прави најскап оваа година.

Фустанот емитуваше светлина што ја следеше приказната од песната (Фото: АП)

„Фустанот е направен од нормален материјал. Бидејќи е простран, моравме да постигнеме што помала тежина и тој тежи само осум килограми. Не можете да ставите нешто тешко на оперска пејачка“, изјави видео-уметницата од естонскиот тим Алјона Мовко.

Нечајева вели дека нејзиниот тим сакал таа да носи фустан што ќе ја раскажува бајката од песната. На целиот тим му требале две недели да ги усогласат настапот и проекциите, што ја следат приказната од песната.

„Тоа беа многу напорни две недели. Елина требаше да биде дел од сцената и заедно да функционираат. Анимациите мораа да бидат стилизирани, но и приказната да биде разбирлива“, додава Мовко.

Естонија на крајот го освои седмото место.