Италијанското издание на модното списание „Вог“ овој месец нема да објави фотосесии со манекенки. Целта, како што вели уредникот Емануеле Фарнети, е да искажат став за еколошка одржливост.

„150 луѓе работат на фотосесиите. За тоа се потребни околу 20 авионски летови, 13 патувања со воз, 40 автомобили на чекање, 60 меѓународни пратки. Рефлекторите постојано се вклучуваат и исклучуваат во текот на 10 работни часови. Се фрлаат остатоците од храна или се пакуваат во пластични кутии. Се троши струја за полнење на телефоните и камерите“, стои во воведот на уредникот.

Тој ги замени фотографиите со илустрации, односно најми уметници да ги покажат алиштата без да бидат фотографирани.

Новиот број ќе излезе на 7 јануари и ќе има осум различни насловни страници. На сите е нацртана манекенка облечена во креација на „Гучи“, а илустрациите варираат од јапонска фантазија до италијанска ренесанса и се проследени со ист текст: „За подготвувањето на овој број не беше користено фотографирање“.