КОНЕЧНО ВИДОВ НОРМАЛНИ КОЛЕКЦИИ, РЕЧЕ ЏОРЏО АРМАНИ КОЈ ЈА ЗАТВОРИ МОДНАТА НЕДЕЛА ВО МИЛАНО

Милано, (АП)

Џорџо Армани ја затвори Модната недела во Милано. Во првиот ред во публиката беа и Кејт Бланшет и Жилиет Бинош.

Колекцијата пролет-лето 2024 на Армани ги отсликуваше променливите бои и светлината на небото, идеја пренесена со менување на боите на задниот ѕид од изложбениот салон во неговото централно седиште во Милано.

89-годишниот дизајнер користел проѕирни ткаенини од свила и сатен за да создаде леснотија и движење. Боите на креациите се движеа од бронзена, преку сребреносива до кралско сина, зелена и виолетова.

Колекцијата пролет-лето 2024 на Армани ги отсликува променливите бои и светлината на небото. (Фото: АП)

Колекцијата покажа елеганција, но и практичност, облека што му олеснува на оној кој ја носи во каков било контекст, откривајќи ја сексапилноста. Сатенските панталони се комбинираа со јакни, проѕирни блузони, светкави блузи и фустани од шифон со прерамки.

Армани со години е активен на миланската модна сцена, фокусирајќи се на новини. Дизајнерот по малку несериозно рече дека почувствувал промена на модната недела оваа сезона.

„Конечно видов многу нормални колекции. Во оваа професија треба постојано да се истражува“, рече Армани.