Во време кога сѐ повеќе се шпекулира кој е дизајнер на венчаницата на Меган Маркл за свадбата на 19 мај со принцот Хари, нејзини блиски пријатели откриваат дека сега веќе бившата американска актерка ќе носи два фустани.

За венчавката во капелата „Сент Џорџ“ во замокот Виндзор, Меган одбрала традиционална и елегантна венчаница, а за вечерта на забавата, гламурозна и софистицирана креација.

„Таа планира да се пресоблече по церемонијата, за да може вечерта да се забавува во нешто гламурозно и полесно за движење. Меган едвај чека да ги изненади сите, особено Хари. Таа е многу блиска со дизајнерот, кој се заколнал на тајност и досега знаеме дека разговарале за чипка и ракави“, открил изворот.

Ниту јавноста, ниту принцот Хари не знаат кој ја дизајнира венчаницата.

Британската модна куќа „Бурбери“ деновиве се појави како нов фаворит, откако „Дејли мејл” објави дека интензивно се одвиваат состаноци на највисоко ниво во модната куќа, за која е познато дека Маркл е голема обожавателка.

Според дизајнерката на венчаници Каролин Кастиљано, која дизајнирала невестински фустани за неколку славни личности, изборот на Маркл за две креации го следи примерот на Кејт Мидлтон.

„Целосно очекувам оваа свадба да го следи форматот како на Кејт, со свечен свадбен фустан преку ден и со гламурозна тоалета за ноќта. Оваа свадба ќе биде еден од најголемите настани во годината, па зошто да не го прославиме со што е можно повеќе прекрасни фустани”, изјави Кастиљано.