Манекенка протестираше на пистата за време на ревијата на „Гучи“ на Модната недела во Милано. Ајеша Тан-Џонс и останатите модели беа облечени во бели комбинезони, од кои некои потсетуваа на бели кошули какви што носат пациентите во психијатриски болници.
Тан-Џонс, која се претставува како небинарна личност, се појави на ревијата со порака „менталното здравје не е мода“, напишана на дланките. Од „Гучи“ изјавија дека идејата на дизајните е да „претстават како преку модата се остварува моќта низ животот и се елиминира себеизразувањето“.
По ревијата, Тан-Џонс на Инстаграм напиша:
„Белите кошули кои се закопчуваат одзади се симбол на сурово време во медицината, кога менталните болести не биле разбрани, кога на луѓето им биле одземани правата и слободите и биле злоупотребувани и мачени“.
Од „Гучи“ одговорија дека кошулите биле наменети само за ревијата и дека нема да се продаваат.