Вечерва (20 јуни) од 20 часот, на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје ќе се одржи традиционалната модна ревија на студентите од Институтот за текстилно инженерство под менторство на професорката Лидија Георгиева. Ревијата е на тема „Време“ и се одржува по повод прославата на 65-годишнината од основањето на факултетот.
„Дизајните ги одразуваат моментите на транзиција, каде што старото се среќава со новото, отелотворувајќи го трансформативниот дух на креација што го дефинира нашиот факултет“, велат организаторите на ревијата.
За шминката и фризурата на моделите ќе се погрижат учениците од средното училиште „Димитар Влахов“ во Скопје, а моделите се од модната агенција „Подиум“ и од модното студио „Црнокрак“.