„Фенди“ му оддаде почит на својот вечен креативен директор Карл Лагерфелд, претставувајќи ја неговата последна колекција на Миланската модна недела само ден по неговата смрт.
Германскиот дизајнер помина 54 години во римската модна куќа, врска која беше опишана како „најголемата љубовна приказна во светот на модата“.
„Колекцијата есен/зима 2019/2020 е последната колекција дизајнирана од Карл Лагерфелд и ги претставува неговите доживотни посветеност и креативност. Тоа беа 15 минути чист Карл“, соопштија од „Фенди“, додека на седиштата беа поставени репродукции од неговите скици.
Големото финале на Лагерфелд со „Фенди“ го имаше неговиот препознатлив потпис: нагласени високи јаки и модели со коса фатена во опавче.
„Фенди“ засега одби да коментира кој ќе го наследи Лагерфелд, додавајќи дека „прво сакаат да му оддадат почит каква што заслужува“.