СО МОДНА РЕВИЈА СОБРАНИ НАД 1,5 ТОНИ СТАРА ТОПЛА ОБЛЕКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Над 1,5 тони облека беше собрана вчера во Младинскиот културен центар (МКЦ) за време на акцијата „Сите стоплени во зима“ и модната ревија, организирани од платформата „Мрдни со прст“. Влезницата за гостите беше старо и педантно сочувано и спакувано парче облека.

Влезница за настанот беше топло и чисто користено парче облека (Фото: М. Златевска)

Во полната Денсинг сала продефилираа 24 актерки, пејачки, новинарки, кураторки и танчарки, во модели од 15 македонски дизајнери: Никола Булевски, Лидија Георгиева, Јасмина Дракуловска, Олгица Ѓорѓиева, Никола Ефтимов, Горан Костовски-Индог, Јана Манева-Чупевска, Силвија Михајловска („Алшар“), Благој Мицевски, Антонија Ристовска, Нина Симовска, Емилија М. Ставрова („Ем Елефантски“), Ирина Тошева, Иван Петрушевски-Флим, Јована Филиповиќ и Јана Ацевска („Капка“).

 

Актерката Ивана Павлаковиќ во „Ем Елефантски“, кореографката и танчарка од „Скопје танцовата академија“ Матеа Киселичка во модел на Олгица Ѓорѓиева и глумицата од Битолски театар, Соња Михајлова, во модел на Благој Мицевски (Фото: М. Златевска)

Модели беа: Огнен Јанески, Јана Бурческа, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Емра Куртишова, Јелена Богојевиќ, Дани Димитровска, Дарија Андовска, Леа Таки, Матеја Киселичка, Анастасија Данчевска, Јана Мишо, Сара Миленковска, Наташа Мијата, Елена Зисовска, Ана Петрушева, Сара Климовска, Соња Михајлова, Сандра Грибовска, Снежана Сани Богдановска, Анастасија Богдановска, Милена Атанасова, Ивана Павлаковиќ и Билјана Тануровска-Ќулавковски.

Дизајнерката Лидија Георгиева и новинарот Огнен Јанески / кураторката Билјана Тануровска-Ќулафковски со накит на Јана Ацевска / Сани Богдановска со ќерка ѝ Анастасија и со креаторката Јана Манева-Чупоска (Фото: М. Златевска)

Тие изработија креации со користена зимска облека, на која ѝ дадоа нов лик, прикажувајќи дека со малку умешност и многу фантазија користената облека може да изгледа како нова.

„Дизајнерите и личностите од јавниот живот го прифатија предизвикот доброволно да бидат дел од овој наш подвиг. И зошто подвиг? Сите ние во нашите ормани имаме капути, јакни, шалови, џемпери, блузи, панталони што не ги користиме подолго време. Ги ставаме во функција со надеж дека ‘оваа сезона сигуно ќе го носам’, несвесни дека нашето дружење завршило. И одбиваме да се разделиме, претпоставувам со убедување дека разделбата е болна, Но, не е баш така. Ако некому му подариш, таа станува љубов. Е, ова е подвиг за љубов, солидарност и радост на луѓето на кои им е потребна зимска облека“, рече новинарката и водителка Ана Арсеновска-Зафирова.

Дваесет и четири личности од јавниот живот во МКЦ продефилираа во модели на 15 македонски дизајнери (Фото: М. Златевска)

Акцијата „Сите стоплени во зима“ започна во декември и до крајот на јануари беа собрани илјадници парчиња топла зимска облека, која преку организациите „Љубезност“ и „СОС Детско село“ ќе им биде подарена на граѓаните на кои им е најпотребна.

Б. НЕСТОРОСКА