МОДЕРНИТЕ АРХИТЕКТОНСКИ СИМБОЛИ ПРИКАЖАНИ ПРЕКУ ИЗЛОЖБАТА „СО ЉУБОВ ЗА БИТОЛА“

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Модерните архитектонски симболи на Битола се тема на годинешното 12.издание на изложбата „Со љубов за Битола“ која е отворена во фоајето на Центарот за култура од 22 август до 5 септември годинава. Изложени се 26 фотографии од 19 автори откако стручното жири направи селекција на 90 фотографии од 23 учесници на конкурсот.

Фото: СМАРТ.СДК.МК

„Единаесет години ја фотографиравме старата архитектура на Битола и животот на нејзините улици. Оваа година разговарајки на фотографската колонија, увидовме дека кога го гледате фотографскиот фонд на браќата Манаки, сфаќате дека многу објекти од нивното време останале недокументирани поради тоа што се сметале за секојдневие и за модерни. И рековме оваа година наша задача ќе биде модерната архитектура на Битола“, рече ккоординаторот на проектот и претседател на Центарот за европски развој и итеграција , Диоген Хаџи-Коста Милевски.

 

Првата награда ја доби Дамјан Гугучевски за фотографијата на ОУ „Ѓорѓи Сугарев“, втората Константин Солак за Хотел „Епинал“, а третата Михаела Велјановска за комплексот згради Стара Болница во пресек со комплексот Пелагонка 2.

Пофалници за посебен квалитет на фотографиите добија Дамијана Ристевска и Давид Козаров, а координаторот на проектот истакна дека оваа година од 5 доделени признанија, дури четворица од добитниците се на возраст под 20 години што зборува дека се‛ повеќе фотографијата станува уметнички медиум за изразување на младите.

Ж. ЗДРАВКОВСКА