НА ГОДИНАШНОТО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ТАНГО ВО АРГЕНТИНА УЧЕСНИЦИТЕ ЌЕ ТАНЦУВААТ ДОМА

Буенос Аирес, (АФП)

Светското првенство во танго, кое се одржува во Аргентина секоја година, почнува денеска, но место стотици танчари да се натпреваруваат во сала во Буенос Аирес, овојпат тоа ќе се одвива онлајн.

Во земјата во понеделникот беа регистрирани над 8.700 нови случаи на коронавирус, па поради воведените рестрикции, судиите ќе оценуваат врз основа на видеоснимките испратени од учесниците. Градскиот совет даде зелено светло за одржување на првенството, иако прославените сали за танц се затворени моментално.

„Принудени сме да го прилагодиме првенството на ситуацијата низ која што минуваме. Ќе биде различно, но ќе го има истиот жар како изминативе години“, изјави градскиот шеф за култура, Енрике Авогадро.

Стручното жири ќе ги прегледа видеоснимките и ќе направи селекција, по што јавноста ќе гласа преку социјални мрежи. За првпат е дозволено да има и поединечни натпреварувачи. Сепак, ваквиот систем не им се допадна на сите.

„Видео снимено во домашни услови може да се измонтира, што не е исто како да танцувате во живо пред жири. Исто така, тангото се танцува во двојка. Не може да има само еден шампион“, изјави Вирхинија Васкони, кореографка и редовна членка на жирито.

Минатата година, на првенството учествувале над 500 двојки.