Бернар Арно станал втор најбогат човек на светот само ден откако неговата групација „ЛВМХ“ го купи „Тифани“, легендарниот американски производител на накит.
Според „Форбс“, богатството на 70-годишниот Французин сега изнесува 108 милијарди долари, со што изби пред Бил Гејтс, кој тежи една милијарда помалку. Арно многу лесно би можел да се најде и на врвот на листата на „Форбс“, каде што сега е газдата на „Амазон“ Џеф Безос со 110 милијарди долари.
Арно и неговото семејство поседуваат 47% акции на „ЛВМХ“, во чија сопственост се некои од најпознатите модни брендови, но и имиња како „Хенеси“, „Дом Перињон“, „Моет“ и „Таг Хојер“. Аквизицијата на „Тифани“ за 16,2 милијарди долари е најголемата што групацијата ја направила досега.
Арно ја почнал кариерата во семејната градежна фирма во 1970-ите, а темелите на својата модна империја ги поставил во 1984 година со купувањето на „Бусак“. Шест години подоцна тој презеде контрола врз „Луј Витон Моет Хенеси“.