ЊУЈОРШКИ УЛИЧНИ УМЕТНИЦИ ДОБИЈА ОТШТЕТА ОД 6,7 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ОТИ ИМ ГИ УНИШТИЈА ГРАФИТИТЕ

Њујорк, (Индипендент)

Дваесет и еден њујоршки уличен уметник го добија судскиот спор против сопственикот на една стара фабрика, кој наредил нејзино уривање, со што биле уништени и сите нивни графити.

Како отштета, тој ќе мора да им исплати 6,7 милиони долари, од што најголем дел од 1,3 милиони ќе му припадне на лидерот на групата „5поинтс“, Џонатан Коен, попознат како Мерес Уан.

Судијата се согласи дека 45-те графити имаа уметничка вредност

Уривањето на објектот кој се претворил во мека за графити почнало во август 2014 година, откако уметниците цела година не успеале да ја спречат намерата на сопственикот Џери Волкоф.

Токму тој во 90-ите години им ја отстапи зградата на локалните таленти за цртање графити, кои под водство на Мерес Уан ја претворија во таканаречен „аеросолски уметнички центар“. Таа набргу стана светски позната, привлекувајќи туристи и други цртачи од целиот свет. И Волкоф извлече голема корист од тоа, па вредноста на зградата порасна од 40 на 200 милиони долари.

Судијата сега се согласи дека 45-те графити имаа уметничка вредност и мораа да добијат државна заштита.