АТАКАМА Е НАЈСУВОТО МЕСТО НА СВЕТОТ, НО НА ПЕРИОДИ СЕ ПРЕТВОРА ВО ЦВЕТНА ПУСТИНА

Сантјаго, (АФП)

Пустината Атакама во Чиле е најсувото место на светот, но еднаш во неколку години, мал дел од неа во пролет е прекриен со виолетови и жолти цвеќиња. Научниците го проучуваат овој феномен за да научат како растенијата се прилагодуваат на климатските промени.

Пата де гванако и ананука се меѓу 200 видови цвеќиња кои можат да цутат во ова негостољубиво окружување, каде што врне само 0,01 сантиметар дожд годишно. Некои делови од пустината со години можат да поминат без капка дожд.

Цутењето во 2015 година (Фото: Гети)

Оваа природна лабораторија 800 километри северно од главниот град Сантјаго е создадена од сложен екосистем во кој семињата од цвеќињата можат да лежат во почвата со децении, чекајќи доволно врнежи што ќе им овозможат да оживеат.

„По одредено количество врнежи, што е околу 15 кубни милиметри, се случува големо ‘ртење“, вели биологот Андреа Лоаиса.

Изненадувачкото цутење меѓу локалните жители е познато како „цветна пустина“.

(Фото: АФП)

„Цутењето е нередовно. Последното значајно е забележано во 2017, но можеби нема да се случува засекогаш. Екосистемот е многу кревок, зашто веќе е на крајни граници и секое нарушување може да го скрши балансот“, предупредува Лоаиса.

Таа смета дека е многу важно да се проучуваат овие видови и нивната способност за преживување во екстремни услови, зашто глобалното затоплување би можело да претвори многу плодни региони во пустини.