Магичната Мадеира е прогласена за најдобра островска дестинација во Европа на World Travel Awards, што за првпат се доделуваа во онлајн издание. Ова признание можеби и не е толкаво изненадување, имајќи предвид дека португалскиот остров го освојува седми пат во последните осум години.

Мадеира за конкуренти ги имаше Азорски Острови, Балеарски Острови, Канарски Острови, Крит, Кипар, Малта, Сардинија, Сицилија, Гернси и Киклади.
Овој мал вулкански остров се наоѓа 1.076 километри југозападно од португалското копно и се одликува со драматичен пејзаж, егзотични бои и со топло време преку цела година благодарение на атлантското сонце. Температурата на морето во зима е околу 18 Целзиусови степени.

Наречен Бисер на Атлантикот, тој нуди разни можности за одмор: љубителите на пешачењето може да уживаат во левади, мрежа од 2.500 километри тесни канали за наводнување што почнале да се градат уште во 15. век, а големи атракции на островот се и плажите со црн песок, планините, високите карпи, водопадите и брзите потоци. Островот има и повеќевековна традиција во занаети и производство на вино.

