Британски фотограф го комплетираше петгодишното пешање долж британското крајбрежје, велејќи дека ова искуство му ја збогатило душата.
Квинтин Лејк од градот Челтенхем поминал 10.600 километри на својата авантура, која ја заврши во катедралата Сент Пол во Лондон, од каде што и тргна во април 2015. Тој планира да напише книга за своето самофинансирано патешествие и да направи изложба со дел од стотиците фотографии што ги снимил попат.
„Ниеден ден не ми беше здодевно. Ова ми ја збогати душата и ме направи посреќен, а како фотограф, создадов големо количество на материјал“, изјави Лејк.
Тој поминувал од 20 до 40 километри на ден и најголем впечаток му оставила северозападна Шкотска со својот „див, груб и прекрасен пејзаж“, а поради пандемијата на коронавирусот имал четиримесечен застој во патувањето. Сите работи самиот си ги носел, кампувал во дивина и потрошил седум пара чевли.
„Британското крајбрежје е многу подиво одошто замислував“, заклучи Лејк.