Четири големи градови на американскиот западен брег моментално се наоѓаат меѓу десетте градови со најлош квалитет на воздухот на светот, откако масивните пожари го прекрија целиот регион во чад.

Портланд и Сиетл ги држат првите две места, додека Сан Франциско и Лос Анџелес се на четвртото, односно шестото место и поради пожарите во САД, кинеските градови целосно испаднаа од десетте најзагадени. Чадот од пожарите во сојузните држави Калифорнија, Орегон и Вашингтон стигна сѐ до Хаваи на запад и до Мичиген на исток.

Големи делови на Калифорнија речиси еден месец живеат во нездраво ниво на аерозагадување. Сезоната на пожари оваа година почна порано, во средина на август и повеќето од нив сѐ уште се активни, па пепелта веќе со недели паѓа врз Оукленд, Сан Франциско, Сакраменто, Лос Анџелес и Сан Диего. Локалните власти ги предупредуваат жителите да избегнуваат надворешни физички активности.