Со традиционална музика, Турците секоја година го слават 19 мај, Денот на сеќавање на првиот претседател на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк. Во туристичката област Анталија, каде што веќе е почната сезоната, во сите хотели се прават забави за гостите. Турските угостители велат дека македонските туристи им се едни од најредовните.
„19 мај, денот на младите и спортот, кој е и ден на сеќавање на Ататурк, го славиме како заеднички празник, затоа што тој учел и живеел во Битола. Ја имам посетено Битола и со луѓето таму доста зборувавме за историјата на Ататурк. Секоја година правиме тематски забави и дефилеа на кои доминираат црвената и белата боја. Годинава веќе има доста туристи од Македонија и од регионот”, вели претставник на туристичката агенција „Фибула” во местото Белек.
Она што е карактеристично за славењето на овој ден во хотелите е храната, па така шведските маси се декорирани во боите на турското знаме.
М. ЏАРОВСКА