ДОЛИНА НА СМРТТА – КАКО ИЗГЛЕДА ЖИВОТОТ НА НАЈТОПЛОТО МЕСТО НА ЗЕМЈАТА?

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

„Мислам дека сите губиме трпение од тоа колку е топло. Кога шеташ надвор, имаш чувство како да те погодиле во лицето со куп фенови“, вели Бренди Стјуарт, која пет години живее и работи во националниот парк Долина на Смртта во Калифорнија.

Изминатиот викенд, во паркот се измерени 54,4 Целзиусови степени (130 Фаренхајти), што, неофицијално, е највисоката температура досега регистрирана на планетата. Паркот е голема пустинска област исполнета со кањони и песочни дини.

Долина на Смртта е голема пустинска област исполнета со кањони и песочни дини (Фото: Ројтерс)

Стјуарт е една од неколку стотици луѓе кои „најтоплото место на Земјата“ го сметаат за свој дом.

„Толку е топло што не можеш да ја почувствуваш потта на својата кожа зашто брзо испарува. Еднаш кога ќе се навикнеш на жештината, таа станува нешто нормално и сѐ под 26 степени ти изгледа студено“, вели Стјуарт.

Знак кој предупредува дека не се препорачува шетањето после 10 часот (Фото: Ројтерс)

Мнозинството од луѓето кои живеат и работат во паркот се сместени во Фурнејс Крик, токму таму каде што беше измерена рекордната температура. Градот е сместен во долга и тесна котлина на околу 85 метри под морското ниво. Домовите се разладуваат со климауреди, но струјата може да биде проблем ако сите ги вклучуваат во исто време.

„Сум бил во Ирак двапати. Ако можев да го поднесам Ирак, можам и Долината на Смртта“, вели Џејсон Хесер, кој го одржува тамошниот терен за голф.

Теренот се наводнува преку природните подземни извори и изгледа беспрекорно. Хесер вели дека си ја сака работата и планира да остане неколку години.

„Луѓето често ме прашуваат како е да се живее овдека. Кога печете нешто во рерна и ја отворате за да го проверите јадењето, ве удира топол воздух. Е, така е цело време овдека“, појасни Хесер.