ЕВРОПСКАТА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА КЕМНИЦ САКА ДА ПОКАЖЕ ДЕКА ИМА ПОВЕЌЕ ОД ОГРОМНА БИСТА НА КАРЛ МАРКС

Германија, (Дојче веле)

Со доаѓањето на 2025, Кемниц и Горица/Нова Горица го презедоа статусот на Европска престолнина на културата.

Споменикот на Карл Маркс е една од најголемите бисти на светот, по која источногерманскиот град Кемниц е препознатлив од 1971.

На Карл Маркс не му требаат раце и нозе, неговата глава кажува сѐ“, рекол советскиот скулптор Лав Кербел за своето дело тешко 40 тони.

Маркс немал никаква лична врска со Кемниц. Роден е во Трир, а умрел во Лондон и колку што е познато, никогаш не бил во Кемниц. И покрај тоа, комунистичките власти го преименуваа градот во Карл Маркс Штат и така се викаше од 1953 до 1990, кога старото име беше вратено на референдум.

Планирани се 150 проекти и 1.000 настани, а програмата почнува на 18 јануари (Фото: Блумберг)

Кемниц своевремено бил еден од водечките индустриски и работнички градови во Германија и не случајно го викале „саксонски Манчестер“. За разлика од Дрезден и Лајпциг, Кемниц изгубил на својата популарност и станал занемарен по обединувањето на Германија и тоа конечно треба да се промени со новиот културен статус. Не случајно, мотото на организаторите е „Видливост за невидливиот Кемниц“.

Планирани се 150 проекти и 1.000 настани, а програмата почнува на 18 јануари. Еден од главните проекти е наречен „3.000 гаражи“. Во времето на ГДР, во градот на сите страни биле градени гаражи, кои служеле не само за паркирање автомобили, туку и како места за дружење.

Кемниц очекува два милиона посетители во текот на 2025.

(Фото: ДПА)