ГЕРМАНСКИ ГРАД НУДИ НАГРАДА ОД МИЛИОН ЕВРА ЗА ДОКАЗ ДЕКА НЕ ПОСТОИ

Билефелд, (Би-Би-Си)

Билефелд е германски град кој датира од 9. век, има 340.000 жители, универзитет, средновековна тврдина…, но дали навистина постои?

Градот сега нуди награда од еден милион евра ако некој успее да приложи доказ за негово непостоење, обидувајќи се да стави крај на 25 години стара теорија на заговор, покрената од еден студент.

Во 1994 година, Ахим Хелд, кој претходно не слушнал за овој град, ја објавил пораката „Билефелд? Не постои такво нешто“ на форумот Унисет и оваа шега стана вирална со ширењето на интернет и еднаш дури беше спомната од Ангела Меркел.

До 5 септември, секој возрасен Германец ќе има можност да приложи доказ дека Билефелд не постои и иницијативата доби поддршка и од градските власти.

„99,99% сме сигурни дека можеме да побиеме кој било доказ. Како и да е, време е малку да се забавуваме“, велат од локалната маркетиншка агенција која го организира натпреварот.

Билефелд можеби нема значајни туристички атракции, но е дом на еден од најголемите производители на храна во Германија „Др. Еткер“ и на фудбалскиот клуб Арминија.