Фотографии од дрвените куќи од 17. век во Фројденберг, германски град со 18.000 жители, привлекуваат туристи од цел свет, особено од Јапонија.

„Откако ќе се искачите по скали до врвот на ридот од каде се гледа целиот град, лесно е да видите зошто туристи од цел свет го посетуваат овој град во западна Германија, сместен во рурална област, на околу 90 минути возење од Франкфурт или од Келн“, стои во репортажата на „Дојче веле“.

Околу 80 куќи изгледаат совршено во панорамскиот поглед од градскиот парк. Со црно-бели фасади и кровови покриени со снег, тие изгледаат како од бајка.

(Фото: Дојче веле)

Идиличните зимски фотографии направија ѕвезда од Фројденберг на Инстаграм, откако градот беше означен во над 11.000 постови на платформата.

„Фотографиите од стариот дел на Фројденберг предизвикаа лавина од интерес. Во изминативе шест месеци, сликите од ‘Алтер Флекен’, со или без снег, се проширија на сите социјални медиуми и сега доаѓаат сѐ повеќе туристи“, изјави градоначалничката Никол Решке.

Градот вообичаено има околу 30.000 туристи преку цела година, а властите очекуваат голем број туристи и откако ќе помине зимата.