Гренланд се најде во фокусот на светската јавност во изминатите недели откако Доналд Трамп стана се погласен и посериозен во своите намери да ја преземе оваа автономна данска територија, за која смета дека е од витално значење за националната безбедност на САД.
Гренланд е најголемиот остров на светот, каде што повеќе од илјада години живеат Инуити и потомци на скандинавските доселеници. Тоа е територија со чудесна природа, парадокси и контрасти, фасцинантна за геолози и климатолози.
И покрај импресивната големина од 2,2 милиона квадратни километри, Гренланд е остров, а не континент зашто не се наоѓа на сопствената тектонска плоча, туку е продолжение на Канадскиот штит, со што географски, всушност, е дел од Северна Америка.
Речиси 80% од теренот на Гренланд е прекриен со мраз, а помалку од 1% е обработливо земјиште. Ледената покривка на Гренланд е втората по големина на светот, зад Антарктик.
Целиот североисток на Гренланд е национален парк, кој е и најголем на светот. Основан во 1974, тој е заштитен во сегашниот опсег од 1988 и е засолниште за бројни арктички диви животни. Благодарение на мразот и ледените услови, Гренланд може да се пофали со најчистите воздух и вода на светот.
На Гренланд живеат нешто помалку од 60.000 луѓе, односно само 0,03 луѓе на квадратен километар, со што е едно од најретко населените места на светот. Најголемиот дел од нив живее во градовите на попријатниот, западен брег. Поточно, само еден град на Гренланд не е на брегот, од кој е оддалечен 160 километри. На Гренланд може да се стигне со авион само од Данска или од Исланд.
Во главниот град Нук, кој има 17.000 жители, има само три семафори, а бројот на регистрирани автомобили е околу 7.000. Со нив не може да се оди никаде надвор од градовите. На Гренланд има само 150 километри патишта, од кои 60 километри се асфалтирани. Најдолгата делница изнесува 35 километри, а ја изградил „Фолксваген“.
Традиционалната гренландска храна е заснована врз ловот и риболовот, па на менито често се китови, фоки, риби, морски плодови и ирваси.
(Фото: Шатерсток)