Пандемијата на коронавирусот ја стави Грузија во карантин по годината во која што имаше рекордна бројка туристи. Над девет милиони странски туристи ја посетиле оваа земја лани и тамошните туристички власти веруваат дека таа ќе биде безбедна дестинација кога повторно ќе ги отвори границите на 1 јули.
„Грузија ги привлекува туристите со добитната комбинација од природна храна, прекрасни планини, древни градови со богата култура и историја, традиција на производство и пиење на вино и поволни цени“, вели Ана Девијата, директорката на сајтот „Tbilisi Hack Free Tours“.
Оваа мала кавкаска држава успешно го спроведе карантинот, забележувајќи 757 случаи на коронавирус и 12 починати досега и сега се надева дека нејзините изолирани планини се идеална дестинација за оние кои сакаат да избегаат од пандемијата. Дури 41% од Грузија се покриени со шуми, а 25% од територијата спаѓа во заштитени национални паркови.
„Социјалното дистанцирање полесно се постигнува во зафрлени области и планини, иако ризикот постои секаде“, вели Григоли Пагхава од туристичката компанија „Budget Georgia“.
Грузиските планини станаа топ дестинација за пешачење во лето, иако пооддалечените заедници како Сванети и Тушети остануваат отсечени од светот во значаен дел од годината поради големата надморска височина и жестоки снежни бури.
„Од следната година, очекуваме Грузија да стане една од најдобрите дестинации во источна Европа. Грузија се позиционираше како место за алтернативен туризам, каде што може да се пронајде нешто ново и различно и, згора на тоа, по ниски цени“, вели министерката за економија Натија Турнава.