ИЛОН МАСК ИСПРАТИ ЛУЃЕ ВО ВСЕЛЕНАТА И ЈА ПОЧНА ЕРАТА НА КОМЕРЦИЈАЛНИ ЛЕТОВИ

Кејп Канаверал, (Би-Би-Си)

„Спејс-Екс“, која е во сопственост на Илон Маск, синоќа испиша историја, станувајќи прва приватна компанија која испратила луѓе во вселената.

Искусните астронаути Даг Харли и Боб Бенкен полетаа од вселенскиот центар „Кенеди“ во Флорида и по 19-часовен лет, попладнево треба да пристигнат на Меѓународната вселенска станица (ИСС). Иако станува збор за дистанца од 402 километри, патот ќе се одолжи бидејќи тие неколкупати ќе ја обиколат Земјата пред да се спојат со ИСС.

Посадата на историскиот лет ја сочинуваат астронаутите Даг Харли и Боб Бенкен (Фото: АП)

Нивните револуционерни вселенски одела се дизајнирани од Хосе Фернандес, кој работел на филмовите за Бетмен, Тор и Икс-Мен.

Харли и Бенкен патуваат во новата, целосно автономна капсула „дрегон“, иницирајќи нов бизнис модел на НАСА, која во иднина веќе нема да користи свои возила, туку „такси“ услуги на „Спејс-Екс“, со која потпиша договор од 2,6 милијарди долари за шест мисии на ИСС. Првата од нив треба да се случи на крајот на август, кога во капсулата ќе бидат четворица астронаути.

Ова е триумфален ден за Илон Маск и неговата компанија (Фото: Гети)

„Ова е нешто што ги погодува луѓето директно во срце. Преплавен сум со емоции, тешко ми е да зборувам. Осумнаесет години напорно работевме за оваа цел. Навистина ми е тешко да поверувам дека ова се случува. Мислам дека човештвото треба да биде гордо“, изјави Маск, на кого му честиташе и Доналд Трамп.

Ова е исклучителен момент за компанијата на Маск, што ја основал пред 18 години, со цел да овозможи комерцијални летови во вселената и колонизација на Марс.